Во притвор завршија петмина од криминалната група од Грчец, а еден доби мерки за претпазливост откако беа уапсени во полициската акција која вчера ја спроведе Министерството за внатрешни работи и поднесе кривична пријава против 16 припадници на таа група која ја предводел Шеваљ Муареми од Грчец.
Шестмина се уапсени во Македонија, еден во Шпанија, а по девет лица се трага.
Групата која се сомничи за убиства и шверц на кокаин, според МВР била предводена од Муареми кој е во бегство, а според нашите неофицијални информации тој е во Дубаи, и двајца убиени, поранешни водачи на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами – Оки кој беше убиен во Грција и Јетон Кривањева-Жила, убиен во „Шиша бар“.
Како што пишуваше неделникот „Фокус“ во серија текстови, прегрупирањето на подземјето кога групата „Дуќанџик“ ја презема контролата, се случува по убиството на Наим Ајети, братот на Џељал Ајети, водачи на ривалската „Беланоца“.
Во меѓувреме, „Дуќанџик“ склопува пакт со групата Грчец, предводена од Муареми, чии членови беа гонети во полициската акција „Планина“ за трговија со дрога и други кривични дела. Сепак, Шеваљ остана недопрен.
Во тој период излегуваа снимки како се забавува во Шпанија, во друштво на фудбалерот Лионел Меси. Легендите велат дека секогаш знаел навремено да се дистанцира поради информациите од добри дојавувачи.
Извесен Шеваљ се споменуваше и во дел од „бомбите“, односно нелегално прислушуваните разговори што беа објавувани.
Во една од „бомбите“, каде што може да се слушнат Мијалков и Гордана Јанкулоска, тие разговараат за поранешниот министер од ДУИ, Блерим Беџети, кој барал да се казнат припадници на полициската единица „Алфи“, бидејќи, според него, се однесувале грубо при рацијата во тогашната дискотека „Шери“.
Според Мијалков и Јанкулоска, „алфите“ коректно си ја завршиле работата и при претресот пронашле пиштол кај извесен Шеваљ, кој седел на иста маса со Беџети.
Името Шеваљ се споменува и во прислушуван разговор што се води меѓу Мијалков и поранешната судијка Софија Лаличиќ. Тие разговараат за приведено лице за обид за убиство, за кое, според нив, лобирал Зоран Милески-Кичеец, осуден во „Рекет“.
Мијалков го споменува Шеваљ, велејќи дека најверојатно тој ургирал кај Блерим, а Лаличиќ, пак, кажува дека кај Беџети сѐ поминува ако се искешираат пари.
Муареми освен во „бомбите“ има и слики со Беџети, но и со други политичари.
Инаку,цела година, двајца јавни обвинители и двајца истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал следеле две нарко-групи и собирале докази против нив. Едната група била од населбата Гази Баба, а втората од селото Грчец на чело со Муареми.
Во март 2021 година, петмина од групата од Грчец и еден од групата од Гази Баба избегаа, откако добиле некаква дојава, па во акцијата „Планина“ беа фатени само дилерите на кокаин, но не и главните нарко-босови.
Неколкупати е правен претрес во домот на Муареми во Грчец, но изненадувачки и за инспекторите – тој никогаш не бил затекнат дома, а уште помалку можело да му се открие нелегална стока.
По акцијата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека акцијата „Планина“ доживеа фијаско и дека нарко-босовите побегнаа.
МВР сега најде докази против Шеваљ, но и дека групата соработувала со судии, полицајци и други вработени во институциите, но се уште трага по него.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ