Шеваљ Муареми од Грчец заедно со Орхан Бајрами Оки кој летово беше убиен во Грција на Халкидики и Јетон Кривањева Жила кој беше еден од убиените во двојното убиство што се случи во „Шиша бар“ во скопската чаршија се осомничени како организатори на криминалната група која Министерството за внатрешни работи ја сомничи за шверц на кокаин и убиства, потврдија за „Фокус“ извори од истрагата.
Двајца од организаторите се убиени, а Муареми е во странство, полицијата ја знае неговата локација и како што кажа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски презема мерки за негово апсење. Според нашите информации, Муареми е во Дубаи.
За убиството на Оки грчките истражни органи осомничија лице кое се наоѓа во притвор во Шутка осомничено за убиството во „Шиша бар“. Извршителите на двојното убиство уште не се најдени.
Утрово беше спроведена полициска акција беа приведени шест лица во Македонија и едно во Шпанија, додека по другите лица се трага. Поднесена е кривична пријава против 1 лица за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, убиства и обид за убиство“.
Според МВР, групата била формирана со цел вршење на кривични дела убиство од безобзирна одмазда и по порачка од користољубие, при што лицата организатори на истата донесувале одлуки и создавале планови за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот, а своите одлуки и планови ги спроведувале лично или преку припадниците на организираната криминална група, кои ги прифаќале и спроведувале.
Исто така, оваа организирана криминална група која делувала на меѓународно ниво организирала набавка на наркотична дрога кокаин од земјите на Јужна Америка, пред сè Колумбија, Еквадор, Бразил, Перу и Боливија, нејзино пренесување до земјите на Европската унија, а дел бил наменет за наркопазарот во Македонија.
Оваа криминална група плановите и договорите, за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „SKY“, а која ја користеле членовите на организираната криминална група.
Од досега спроведените мерки е утврдено и документирано дека оваа организирана криминална група, во горенаведениот временски период, организирала две набавки и транспорти на кокаин од латиноамериканските држави до земјите од Европска унија и Република Северна Македонија, и тоа
-Транспорт на 435 килограми наркотична дрога кокаин набавен од групата во Бразил, Јужна Америка, и транспортиран по воден пат до пристаништето до Антверпен, Кралството Белгија, која количина е запленета од страна на царинските службеници во Антверпен, при што дел од наведената количина требало да заврши на нелегалниот пазар во Република Северна Македонија.
-Транспорт на 106 килограми наркотична дрога кокаин кој пристигнал од Перу до Ротердам, Холандија, а по пристигнувањето во пристаништето во Ротердам дел требало да биде пренесен во Република Северна Македонија.
Организираната криминална група организирала и неколку транспорти на кокаин од Белгија, како и од Албанија во Република Северна Македонија. Во еден случај било организирано пренесување на шест килограми наркотична дрога кокаин од Белгија во РСМ, во два случаи било организирани пренесувања по четири килограми кокаин и во еден случај бил организиран транспорт на еден килограм наркотична дрога кокаин од Република Албанија во Република Северна Македонија.
Припадниците на оваа организирана криминална група која дејствувала не само на национално ниво, туку и на меѓународно ниво, и како резултат на нивните криминални активности поврзани со недозволена трговија со наркотична дрога се стекнале со значителни финансиски средства кои ги инвестирале во изградба на луксузни куќи, купување на недвижности и изградба на луксузни угостителски објекти, кои ќе бидат предмет на финансиски истраги со цел нивна конфискација.
Како резултат на истрагата и податоците кои беа добиени, обезбедени се докази дека организаторот на криминалната група Ш.М., заедно со членовите на групата организирале и извршиле обид за убиство на лице од с.Бардовци, убиство на албански државјанин чие тело беше пронајдено на 15 мај 2020 година во с.Горна Матка, Скопје и двојното убиство случено на 05 март 2021 година, кога во Скопје беа убиени А.Б. и Б.В..
Ф.Ф.С.