Шестото издание на Медиумскиот фестивал Скопје, посветено на медиумскиот третман на животната средина, ќе се одржи од утре до сабота (22 до 24 септември) во Кинотеката, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА.
Фестивалот се отвора утревечер од 20 часот со дискусија за покриеноста на прашањата врзани со животната средина и климатските промени во македонските медиуми, по што следи проекција на документарецот „Длабоко во мразот“, патешествие на тројца истражувачи низ ледените предели на Гренланд.
На годинешната фестивалска тема ќе зборува и германската новинарка Сара Шурман, која во онлајн-гостување од 15 часот во петок ќе сподели насоки за ефективно новинарско известување за климатската криза. На последниот фестивалски ден од 18 часот во Кинотека ќе се одржи дискусија за горливото локално прашање за зелените површини и урбаниот развој.
Вториот фестивалски ден пак, започнува со дискусија за медиумската покриеност на правата на лицата без државјанство, бегалците, мигрантите и барателите на азил.
На 23 септември во Кинотека премиерно ќе биде прикажан краткиот документарен филм на ПИНА „Опасни мрежи“ и ќе биде презентирана публикацијата „Од нормализација до самоцензура“ за онлајн вознемирувањето на жените новинарки во земјата. Ова е прва публикација на ПИНА и истата претставува темелно истражување и анализа во која беа анкетирани над 100 новинарки од домашната медиумска сцена, со цел да се соберат нивните искуства за влијанието на онлајн вознемирувањето врз нив и нивната работа.
По дискусијата следи проекција на „Убиството на еден новинар“ кој ги документира напорите на новинарите да го расветлат свирепото убиство на словачкиот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова. Филмот кој ја разоткрива мрачната страна на словачките моќници е во режија на Мет Сарнецки кого имавме прилика да го видиме во Скопје на второто фестивалско издание.
За затворањето на фестивалот од 19 часот гостуваат основачите на РАФФ – Филмскиот фестивал на Раб во Хрватска, Роберт Зубер и Силвија Јоњиќ, кои ќе го претстават нивниот фестивал. Филмската програма на МФС ги носи и „Оваа моја украдена земја“ за корупцијата во Еквадор што води кон современа колонизација на тамошните природни ресурси од страна на моќната Кина; „Територијата“ за борбата на домородното население против узурпацијата на заштитеното подрачје во Амазонската прашума; „Тигре хенте“ емотивно обелоденување на шверцот со јагуари во Боливија, како и „Сторм Лејк“ за опстанокот на локалните задници под притисок на глобалните промени.