Шестиот пакет е задоцнет, мерките нема да ги покријат загубите, реагира ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Шестиот пакет мерки е задоцнет. Лага е дека мерките ќе ги покријат загубите на најкритичните стопански дејности затоа што истите не одговараат на моменталната економска состојба во државата, реагира опозицијата за шестиот пакет мерки што беше објавен денеска и е вреден 17,8 милиони евра.

-Скандалозно е носењето мерки дури после цел месец рестрикции, откако беше воведен полицискиот час, со кој се ограничи движењето на населението во вечерните часови, токму во времето кога погодените економски сектори го остваруваат приходот. Неспособноста на оваа власт се манифестира во следното: наместо обесштетување на економските сектори, пакетот мерки е скроен за санација на штети кои ги предизвика најнеодговорниот министер за здравство кој Република Македонија го имала во својата историја досега. Наместо поддршка, мерките ќе ги претворат најкритичните економски сектори во најкритични социјални сектори, а последицата ќе биде КОВИД-19 технолошки вишок на вработени или КОВИД-19 стечајци. Изоставени се градежната индустрија, естрадните уметници, драмската дејност, рударството. Оставени сами на себе се инвеститорите во зоните и прехранбената индустрија. Доказ за тоа е порастот на цените на прехранбените продукти, кои зголемените производни трошоци, поради рестрикциите на оваа влада, ги пренесуваат на цената на чинење на готовите производи. Народот треба да се подготви за најлошите економски сценарија бидејќи на оваа влада состојбата и’ е излезена од контрола, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости