Шесте милијарди евра за Западен Балкан доаѓаат со услов за големи реформи и помирување!

by Fokus

Планот за раст кој го презентираше Европската комисија (ЕК), за периодот од 2024 до 2027 година, предвидува шест милијарди евра за шест земји од Западен Балкан. Од таа сума, една милијарда евра можат да и бидат доделени на Македонија на располагање.

Но, со тие пари доаѓаат и услови кои земјите треба да ги исполнат. Реформи за усогласување со правото на ЕУ и со нивните фундаментални вредности и принципи, посебно во однос на владеењето на правото и судската независност. Повеќе инвестиции, поголем економски развој, но и решавање на споровите во регионот, како и споровите поврзани со минатото.

Покрај конкретни социо-економски реформи, се споменува и владеење на правото, демократијата и почитувањето на основните човекови права и слободи. Транспарентност и надзор на буџетите, здраво упарвување со јавни финансии, како и макрофинансиска стабилност се дел од условите од планот.

-Отворањето на вратите не е доволно. Земјите од Западен Балкан исто мораат да го комплетираат нивниот регионален заеднички пазар, а тоа подразбира услов земјите од Западен Балкан да дадат пристап на своите соседи на нивните пазари. Со други зборови, ако има блокади, се блокирате самите, другите ќе продолжат понатаму-порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана, каде во фокусот се најде интеграцијата на Западен Балкан.

Планот се однесува на Македонија, Албанија, Босна, Косово, Црна Гора и Србија и е оценет како добра шанса за земјите.

За придобвиките од Планот за раст, се огласија и со владино соопштение во кое се наведува дека македонските граѓани со овој план ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред да станеме членка. Со овој план сме поблиску до целта, членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година, беше истакнато во соопштението.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел пак, истакна дека проектот на ЕУ се заснова на помирување.

-Сакаме повеќе инвестиции. Сакаме поголем економски развој. Затоа решивме да го воведеме овој пристап заснован на постепена интеграција за луѓето и бизнисите во Западен Балкан да ги почувствуваат позитивните ефекти од овој ангажман со ЕУ што е можно поскоро. Исто така, би сакале тие да ги решат нивните спорови и да го подобрат нивото на соработка меѓу нив. Проектот на ЕУ се заснова на помирување. Тоа значи дека помирувањето, решавањето на споровите, е фундаментален чекор за понатамошен напредок-истакна Мишел.

Вики Клинчарова

Поврзани новости