Планинарењето колку што знае да биде неверојатно доживување, така за жал знае да биде и непријатно патување кое некогаш завршува со катастрофални последици.
Така беше на почетокот на овој месец, кога странски државјанин загина откако падна во близина на Титов Врв па неговото тело беше извлечено со хеликоптер од надлежните единици.
Во најголем дел од планинарските спасувачки акции се вклучува и МВР, кое во периодот од 2018 до 2022 година интервенирало во 23 акции за спасување на 30 лица кои планинареле на планините во Република Македонија.
Шест лица, од кои тројца странски државјани, биле загинати, а смртта е констатирана од страна на медицинско лице. На 11 лица, од кои четворица странски државјани, им биле констатирани телесни повреди, а пак кај други 13 лица, од кои петмина странски државјани, што се изгубиле на теренот и биле пронајдени од страна на службите, не им биле констатирани телесни повреди.
Најмногу случаи се евидентирани во 2021 година – седум, потоа во 2018 и 2019 година по пет случаи; и по три случаи во текот на 2020 и во периодот од јануари до октомври 2022 година. Исто така по однос на подрачјата најголемиот број од случаите се евидентирани на подрачје на СВР Тетово- десет случаи, потоа на подрачје на СВР Битола – пет, СВР Охрид- четири, СВР Скопје- три и еден настан на подрачје на СВР Струмица.
„Министерството за внатрешни работи во континуитет презема и спроведува превентивни активности со цел спречување и намалување на случаите со несреќи со планинари преку одржување состаноци, средби со граѓаните и членови на планинарски друштва, планинари-странски државјани, како и со организатори на манифестации од рекреативен и професионален карактер со цел спречување на ваквите појави и зголемување на безбедноста на планинарите“, додаваат оттаму.
Планинарите и планинарските друштва особено треба да внимаваат при планинарските акции, следење на времето и соодветна опрема кои во најголем дел од случаите се покажале како најголем непријател за љубителите на природата.
Јорданчо Цветаноски