Во новиот бугарски Парламент ќе влезат шест партии, а за претседателските избори се очекува втор круг,покажува најновото истражување на агенцијата „Алфа Рисрч”. Како што јави дописникот на МИА од Софија, на пет дена пред парламентарните и претседателски избори помалку од половината Бугари – 47-48 отсто се подготвени да учествуваат во гласањето.
Ако гласањето в недела на парламентарните избори во Бугарија биде според резултатите од анкетите, тогаш сосем веројатно дека нашите соседи ќе добијат нов фрагментиран парламент, во кој ќе биде тешко да се направи влада. Многу од тамошните аналитичари велат дека е можно да се оди на нови, четврти по ред избори, но како веројатна изгледа варијантата да се формира политичка влада која ќе ја води земјата до наредното гласање можеби напролет.
Последната анкета на реномираната агенција „Алфа рисрч“ направена од 7 до 9 ноември покажува дека шест партии ќе влезат во парламентот и дека на врвот од преференциите на граѓаните е ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов.
Според оваа анкета, ГЕРБ на Бојко Борисов има поддршка од 24,1 отсто од оние што се решени да излезат на гласање. По неа следи формацијата „Продолжуваме со промената“ на двајцата донеодамнешни министри Кирил Петков и Асен Василев со 16,5 отсто, а веднаш по неа е БСП со 16 проценти.
Подолу од нив се Демократска Бугарија со 10,2, Има таков народ на Слави Трифонов со 9,9 и партијата на Турците, ДПС со 9,8 отсто. Партијата Исправи се.Бг! Ние доаѓаме! на Маја Манолова е под прагот да влезе во парламентот, со поддршка од 3,6 отсто. Во сличните рамки е и тврдо националистичката Преродба. Доколку партијата на Манолова не влезе во парламентот тоа ќе биде тежок удар за неа и за другите протестни партии кои не успеаја да ги скротат суетите и да формираат влада по гласањето во јули.
Што се однесува до претседателските избори што се одржуваат истиот ден, сосем веројатно е дека ќе има и втор круг во кој ќе одат сегашниот претседател Румен Радев и ректорот на Софискиот универзитет Анастас Герџиков.