Шест нови пациенти заболени со корона вирус се дијагностицирани денеска до 16 часот, соопштува Министерството за здравство.
Меѓу заболените има едно девојче на четиригодишна возраст од Штип кое се инфицирало во градинка во Англија.
Семејството се вратило во земјата на 14 март и било во домашна изолација. На тестирање се јавиле вчера, два дена откако девојчето ги почувствувало првите симптоми.
Во Дебар се регистрирани три нови случаи на коронавирус, тестовите се направени во рамките на скринингот.
Во Скопје е регистриран еден случај, кој контактирал со претходно заразените.
И во Гостивар е потврден случај на корона вирус. Се работи за жена вратена од Швајцарија која била во домашна изолација. На тестирање се јавила сама, а на епидемиолошката анкета навела дека имала контакт со заболен во Швајцарија.
Во моментов се тестираат 35 лица, кога ќе бидат готови резултатите ќе ја известиме јавноста. Со овие нови заболени бројката се искачи на 48, од кои првата пациентка е излекувана.