Шест министри во романската Влада поднесоа оставки

by Fokus

Романскиот премиер Флорин Кицу се најде под голем притисок да се повлече од функцијата, кога шест министри од една од владејачките партии во земјата, УСР-Плус, поднесоа оставка вчера, повикувајќи го да се повлече од функцијата шеф на десноцентристичката коалиција.

Најголемиот опозициски блок во земјата, Социјалдемократската партија (ПСД), пак, повика на предвремени избори за да се стави крај на политичкиот ќорсокак.

-Премиерот Кицу намерно ја растури оваа коалиција. Не можеме повеќе вака, им изјави на новинарите копретседателот на УСР-Плус, Ден Барна.

Тој изјави дека УСР-Плус е подготвена да остане во коалицијата доколку Либералите (ПНЛ) назначат нова личност за мандатар.

Но, Кицу им рече на новинарите дека прво треба да се видат оставките на министрите.

-Засега има само изјави. Се однесуваат како разгалени деца, додаде тој.

Романската влада, формирана во декември, се состои од три партии на десниот центар, Либералите, УСР-Плус и унгарската малцинска партија УДМР.

Незадоволството од премиерот кулминираше со неговата неодамнешна одлука да плати десет милијарди евра на локалните власти за модернизација на инфраструктурата. УСР-Плус го отфрли проектот, сметајќи дека тоа е „расфрлање“ со јавни средства.

 

Поврзани новости