Шест медали за каратистите на „Макпетрол“ на Балканскиот шампионат во Будва

by Fokus

По еден златен и бронзен, како и четири сребрени медали, освоија членовите на македонската карате-репрезентација од клубот „Макпетрол“ на Балканското првенство во Будва.

Со одличја во поединечна конкуренција се закитија Јована Мицовска (-61 кг., злато), Викторија Јовановска (-61 кг.), Ангела Мојсовска (-68 кг.) и Стефан Стојановиќ (+84 кг.), сите сребро. Јовановска и Мојсовска добија исти вакви признанија, но во екипните борби.

- Advertisements -

– Не можеме да бидеме незадоволни, сите наши каратисти прикажаа модерно карате и максимална борбеност и желба за успех. Конкуренцијата беше голема и квалитетна, учество земаа многу повеќекратни европски и светски шампиони од балканските држави. Во тимот недостасуваа пет стандардни репрезентативци од клубот, кои поради повреди и грип не можеа да дојдат во Будва. Постигнатиот успех сам за себе зборува дека ние како клуб имаме и многу поголем потенцијал и можности – изјави Петар Заборски, тренер на „Макпетрол“.

За многу земји од регионот Балканското првенство значи и критериум за влез во националните репрезентации за претстојното Европско сениорско првенство.

На Балканското сениорско првенство што викендов се одржа во Будва, Црна Гора, учествуваа 12 држави со 337 спортисти.

Во секоја тежинска категорија право на настап имаа најдобрите четири спортисти од секоја држава.

Поврзани новости