Во синоќешната полициска акција во ноќни локали затекнати и приведени се шест малолетници кои консумирале алкохол, соопштија од МВР.
„Во текот на изминатата вечер (24/25.03.2023) во периодот од 23.00 до 04.00 часот полициски службеници од СВР Скопје заедно со Државниот трудов инспекторат и Државниот пазарен инспекторат, спроведоа акциска контрола во угостителски објекти на територијата на СВР Скопје. При контролата затекнати се шест малолетници кои консумирале алкохол. Лицата се приведени, а против одговорното лице се преземаат мерки во содејство со Државниот пазарен инспекторат. Констатирани се и два прекршока по Законот за приватно обезбедување, за немање лиценца за лице ангажирано како обезбедување, а од страна на ДПИ и ДТИ констатирани се и прекршоци во однос на неиздавање на фискални сметки и прекршување на законот за пушење“, велат од МВР.