Во изминативе три години во земјава не се пронајдени шест деца помлади од 14 години кои исчезнале. Според МВР, станува збор за деца од Прилеп, Гевгелија, Куманово, Штип, и две деца од Скопје по кои била активна потрагата.
За исчезнувањето на детето од Прилеп, беше алармирана целата јавност. Станува збор за Петар Џобески, кој исчезна на 25-ти февруари 2022 година, во село Врпско. Во времето кога исчезна, тој имаше десет години.
Јавноста дозна за неговото исчезнување откако блиски на семејството објавија негови фотографии и апел за помош во пронаоѓањето на социјалните мрежи. Од МВР потоа соопштија дека е пријавено исчезнувањето на детето. Беа организирани повеќе потраги, кои ги отежнуваше снежното невреме, но Петар не беше пронајден.
Неговите родители повеќе пати за ,,Фокус” изјавуваа дека се сомневаат како детето им е киднапирано, а случајот веќе паѓа во заборав од јавноста. Неговата слика и податоци се обајвени на страницата за исчезнати лица на МВР.
Исчезнатото девојче од Куманово, Елиф Идиќ, исто така ја нема од 2022 година. Кога исчезна имаше седум години. Како исчезната се води и нејзината мајка Сабина Сабединовска.
Првин роднини на девојчето обајвија фотографии на социјалните мрежи, а потоа од МВР за „Фокус“ потврдија дека е пријавено исчезнувањето. По неколку недели и на страницата со исчезнати лица беа објавени фотографиите на мајката и ќерката.
За случајот со нивното исчезнување „Фокус” пишуваше во повеќе наврати, откако чичко на Елиф, Шабан Идиќ, апелираше за помош од јавноста. Тој појаснуваше дека таткото на Елиф е во Германија, бил разведен од мајка и, која започнала да живее заедно со лице од соседна Србија, извесен Дехран Камберовски, за кого исто така не се знаело каде се наоѓа.
Раскажуваше дека Дехран бил насилен, а откако Елиф и мајка и исчезнале без траг, се сомневал на најлошото, дека повеќе не се живи, бидејќи девојчето постојано било во контакт со роднините на таткото, и каде и да било ќе им се јавело. И нивните фотографии и податоци се објавени на страницата за исчезнати лица на МВР.
Но, останатите четири деца помлади од 14 години, кои исчезнале од 2020 година до денес, од кои две од Скопје, едно од Гевгелија и едно од Штип, и по кои била активна потрагата, не се објавени на страницата. Кои се тие и како изгледаат, пошироката јавност не знае.
Од МВР појаснуваат дека објавувањето на страницата за исчезнати зависи од семејствата, односно тие требало да дадат согласност нивните блиски по кои се трага да бидат објавени со фотографија и основни податоци.
Активни се потрагите и по деца од земјава кои исчезнале пред повеќе години и од кои нема траг.
На страницата за исчезнати лица на МВР се уште стојат фотографиите уште на три исчезнати деца кои до денес не се пронајдени – Мирсада Хелдовиќ, исчезната на пет-годишна возраст во Куманово во 2010 година, Митат Ибраими, исчезнат на осум-годишна возраст во Средно Коњари, скопско во 2010 година и Дане Мемеди, исчезнат на четири-годишна возраст во Куманово во 2010 година. Не е пронајден ниту Џеладини Ренат, кој исчезна во Куманово во 2014 година, два дена пред да наполни 15 години.
Не се откри ниту што се случи со Ангела Ѓорѓиоска од мариовско Дуње пак, која исчезна на 23-ти јули 2009 година, на шест-годишна возраст. Остатоци од телото на девојчето беа пронајдени по шест месеци, кај селото Пештани во Мариово. Докторите од судска медицина не можеа да прецизираат кога и како настанала смртта на малото девојче од мариовско Дуње, затоа што нејзиното тело по смртта било растргнато од животни.
Сличен настан ја потресе јавноста и во ноември 2013 година, кога 14-годишната Маја Блажеска од Лешани заминала од дома, наводно за да се сретне со момче кое го запознала преку Фејсбук, а семејството и полицијата трагаше по неа.
Телото на девојчето беше пронајдено на Илинска планина во јануари, наредната година, а според МВР обдукцијата покажала дека на нејзиното тело немало траги на насилство. Изложеноста на екстремно ниските температури во планинскиот предел на 1.500 метри надморска висина, кај ,,Натнасер бачила” , биле причина срцето на девојчето да престане да чука.
Родителите на Маја во неколку наврати јавно бараа одговори и прашуваа кој ја одвел нивната ќерка на планината, на која самата не би можела да се искачи, и ја оставил таму да умре.
Одговори на прашањата до денес нема, иако беше најавена дополнителна истрага која требаше да покаже како Маја се нашла на планината.
Вики Клинчарова