Популарната манифестација Златна бубамара 2024 вечерва ќе го доживее своето 27-мо издание. Настанот ќе се одржи во Арена Борис Трајковски со почеток од 20 часот, а од организацијата најавуваат дека на сцената ќе ги видиме најголемите музички ѕвезди од Македонија и регионот, и дека публиката може да очекува незаборавна сатира, хумор и насмеани лица.
Уште на самите почетоци, шоуто стана синоним за настан на кој се доделуваат награди на оние кои навистина ги заслужуваат. Помеѓу најнаградуваните во тој период беше легендарниот Тоше Проески, кој ја доби својата прва Златна бубамара за најперспективен пејач во далечната 1998 година, уште како младо момче, на свои 17 години.
Потоа, тој секоја година ја расположуваше публиката со своите изведби, а неговото последно појавување во шоуто се случи во 2007 година, неколку месеци пред да го изгуби животот.
На своето последно гостување на Бубамара, Тоше честиташе 10-годишнина на манифестацијата, и откри дека тоа е единствениот настан на која ги носи своите родители.
-Тремаџии се и двајцата, и ова е единствената манифестација на која ги носам. Поголемите концерти им создаваат премногу андреналин и не сакам да ги трауматизирам, после концертот во Арена, во Белград, само им кажувам за среќната информација, за огромниот успех кој се случил таму.
Благодарам на Македонија за поддршката и се надевам секој мој успех ве прави среќни – истакна Тоше на своето последно гостување на Златна бубамара на популарноста.
Веќе наредната, 2008 година, неговото место на Бубамара беше празно, и 11-то издание на настанот му беше посветено токму на Тоше.
Преполната Универзална сала не можеше да ја скрие празнината која ја остави Проески, и целата публика во солзи ги следеше содржините во негова чест.
Со самото спомнување на неговото име, целата сала стана на нозе и со солзи и аплауз му оддаде почит на пејачот, чиј талент и неверојатна харизма беа препознати уште на самите почетоци на манифестацијата.
Вики Клинчарова