Истрагата за струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов се уште трае зашто излегуваат нови моменти, но таа напредува и на крајот ќе излезат податоци кои се шоканти, рече на брифинг со новинарите премиерот Христијан Мицкоски. Како што истакна тој, станува збор за индиции, односно сомневања за злоупотреби тешки 15 милиони евра. Целата шема, според него, допира и до политичари кои, според неговиот исказ, немаат имунитет, што значи дека не се пратеници.
Воедно, тој ги негираше тврдењата на Крмзов дадени во емисијата „Код“, кои ги пренесе и „Фокус“. Имено, струмичкиот бизнисмен, чии компании се опфатени со предистрага за даночно затајување и перење пари, а претставници на власта веќе јавно обвинија во овој случај има индиции за „епски криминал“, обвини дека е жртва на локални моќници. Како што рече, „локални шерифи“ и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го уништат него и неговиот бизнис.
–Проблемите се почнати во декември минатата 2023 година со отворање на контроли од УЈП, со продолжување на контролите од месец до месец, со недоаѓање на инспекторите во контрола, немерно или ненамерно, а целта им била акцијата во септември, за да може фирмите кои имаат побарување или долгување, данок на добивка, треба да се плати… Државата има пари да ти ги врати, не ти ги враќа, по основ и изговор дека се уште траат контролите… Се блокираат сметки, се земаат пари, а одговорот за пребивање за данокот е – во тек е контрола.
Барам УЈП да ги заврши контролите и да констатираат тоа што е, без насоки и притисоци од одредени личности како инспектори или повисоко од тоа, со цел да се направи масакар во фирмите, да се прикаже дека тука не се знае што се работело. Значи, фирмите се солидно исконтролирани. Да, грешки може да има, но не такви. Нека се констатира кој на кого должи. Фирмите се блокирани 9 месеци, да се деблокираат за да се поделат плати на работниците. А, дали јас имам грешки или не, имам капитал тука сум, не бегам од обврски – рече тој.
Во однос на прашањето за долг кон УЈП на фирми на негови роднини од над 20 милиони евра, Крмзов рече дека поднеле кривични пријави против даночни инспектори. Воедно, додава дека бара нова даночна контрола, за да се утврди дали има даночен долг и колку изнесува тој. Ако некој должи над 20 милиони евра, прашува дали тогаш државата не треба да поднесе кривична пријава?
-Работам 31 година, овој бизнис го работам од 1993 година. Ова го прават од повеќе причини. Едноставно им сметам и во транспорт и во градежништво и во се. Цела таа акција започна за време на СДСМ, се е на локално ниво. Одредени локални моќници кои мислат дека државата е нивна и можат да прават што сакаат, оркестрираат лажни и инфилтрирани податоци до министри, премиери, служби, за јас да бидам криминалец. Океј, има институции, ќе се провери дали е така или не.
Се што имам во фирмите е во Македонија. Немам ни бугарски пасош, ни вили, ни јахти, немам ништо. Се е во Македонија. Имам некаде 400-500 вработени, подизведувачи не знам колку, платите се околу 400.000 евра месечно. Продажбата на станови во Струмица на годишно ниво е од 120 до 180 станбени единици. Моментално, до денес имам 96 стана продадено. Да не се случеше оваа фамозна акција и да нев јас криминалецот може ќе стигнев до 150. Е сега вие заклучете што и како – рече тој.
Одговарајќи на прашањето кои се тие локални моќници за кои говори, Крмзов вели дека станува збор за луѓе од претходната и сегашната власт. Иако одби да спомене конкретни имиња, сепак, истакна дека се работи за „сериозно моќни“ лица. Притоа, рече дека тие моќници имаат влијание врз одредени луѓе кои се на функции и на локално и на државно ниво, односно началници, директори…
–Тројански коњ од време на (Сашо) Мијалков до ден денес и продолжува. Јас немам тендери…. Сакаат да ме снема, едноставно. И да ме откупат од банките, побарувања имам, должам поточно кон банките 14 милиони евра. Моменталниот капитал по фирмите ми е 60-80 милиони евра со идна вредност до 150 милиони евра. Едноставно сметам. Секој успешен бизнисмен на некој од нив им смета. За жал и за среќа што е на локално ниво, не е на државно.
Пак ќе кажам – тројански коњ на локална самоуправа, на локално ниво. Дали сум виновен, има институции и нека се докаже тоа, има капитал, има се. Ако сум крив ОК, но ако не сум? Како ќе одиме напред? Ако дозволиме некои локални шерифи да диктираат со државата тогаш нема потреба да работиме ништо. Да оставиме да прават што сакаат – рече тој.
Во врска со кредитите што ги земал од пропаднатата „Еуростандард банка“, пак, Крмзов посочи дека вратил голем дел од средствата по основ на извршување. Патем, посочи дека тој соработувал со банката уште пред да дојде неговиот сограѓанин Зоран Заев на власт. Сепак, потврди дека има другарски релации со поранешниот лидер и премиер Заев, додека со неговиот брат Вице Заев има и бизнис-релација.
–Проверете кој ги има вратено парите во „Еуростандард“ и уште се враќаат некои 25 милиони по основ на извршување. Проветете кој ги вратил парите, па ќе продоллжиме. Јас во банката сум пред да дојде Заев на власт. Одлични ми се релациите со него. Дружиме, имаме добри 25 години ама дружба, бизнис не. Да, со Вице имам одредени бизнис-зделки, ама тоа се регуларно, нема ништо. Има некој плац купено и толку…
Заради мојата блисксот , секојдневната дружба… Вице живее на 50 метри од хотелот „Вила Парк“ и се создаде некое слободно однесување да се користи хотелот и за гости и за состаноци, тоа е тоа. Тоа се само гости. Не сум бил член на партија. А тие муабети за рекет и сл… Тоа се само муабети, ништо повеќе, има камери има се – рече тој.
Уште во 2021 година, неделникот „Фокус“ пишуваше дека фирми поврзани со струмичкиот бизнисмен Крмзов оствариле најголем раст на приходите во кризната 2020 година. Три години подоцна, отворена е предистрага, во чии рамки повеќе инстутиции извршија претрес и запленија документација во повеќе компании, меѓу кои се и друштвата на Крмзов, пријател со експремиерот Зоран Заев и деловен соработник со неговиот брат Вице Заев.
-Големиот раст на „Крмзов-МР“ и „Агро Крмз“ се должи на зголемена продажба на станови, на трговијата на големо со текстил, како и на зголемено производство на лешник. Обврски по основ на ДДВ се остварени по основ на разлика во цена и голем промет. Долгот се намалува секој месец и за него се плаќа камата. Деловна соработка има и си продолжува соработката без никаков проблем – ни изјави тогаш Крмзов.
(АРХИВА) Како бизнисменот Крмзов од „струмичката империја“ направи рекорден раст во кризна година?!
Влатко Стојановски