Повеќе од 5.000 согласности за вработување се дадени во изминатите три години, тврдат од министерството за здравство за „Фокус“. Но, како и на кој начин се вршат вработувањата, кои се главните критериуми и кој се лекува во македонското здравство? Факт е дека во болниците има сериозен недостиг на кадар, но и нововработените, според досегашната пракса се или со партиска книшка или со пари или преку дебели врски!
Наместо прворангираниот, специјализиран кадар, на една од скопските клиники се вработила треторангираната која не ги исполнувала критериумите, но сепак врската и била висок партиски функционер, а нејзиното име само требало да се најде на апликацијата. Така, таа експресно почнува со работа, додека прворангираниот по кој знае кој пат останува дома.
Вака отприлика поминуваат речиси сите конкурси за вработување. Ретки се директорите кои се спротиставуваат и кои бараат квалитет и работно искуство од своите помлади колеги.
За нивното вработување последниот збор го има Комисија од пет членови од повеќе области, а ако кандидатите се исфрлени од игра и се незадоволни, тогаш поднесуваат жалба до второстепена Комисија.
„Кога конкурираат за работа тие се стручно тестирани, се зема предвид просекот на студии, на конкретна специјалност, каде што конкретно аплицираат, за на крај тоа да не се земе предвид и со дискреционо право без никакво објаснување Комисијата да одлучи спротивно од таа ранг листа“, објаснува абдоменален хирург, кој сакаше да остане анонимен.
Според нашите информации, пред неколку месеци на една од скопските клиники е вработена докторка, ќерка на познат македонски бизнисмен, за која нашите извори тврдат дека е фаворизирана во однос на другите кандидати. Тие уште тврдат дека за да успее да влезе на клиника, нејзиното вработување одело на повисоко ниво, а за тоа се дадени пари во вредност колку еден трособен стан, кои требало да ги поделат високи партиски функционери.
Нормално, дека тоа никогаш не може да се докаже бидејќи никаде не постојат документи за тоа. Се оди со договор во четири очи, се објаснува како да оди целата процедура, му се кажува на директорот името на идната лекарка или лекар и на крај се склучува бизнис зделката.
Повеќе на оваа тема читајте во најновиот број на неделникот „Фокус“.
Ирена МУЛАЧКА
НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК