Шекеринска: Законот за Армијата решава реални проблеми, опозицијата да не го кочи

by Fokus

Жалам што генералната политика на една од политичките партии го кочи Собранието. Жалам дека со тоа никаде нема да стигнеме. Законот за служба во Армијата е закон којшто навистина еден дел од припадниците го чекаат како реална потреба да решат сериозен проблем, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска и повика да се откочи донесувањето на Законот за служба во Армијата во Парламентот.

Таа се осврна на еден од членовите којшто досега помалку беше елабориран, а со кој се планира од септември оваа година да се обезбедат стипендии на деца кои се од семејства што не можат да си дозволат да ги пратат децата на факултет, при што Армијата ќе преземе да ги стипендира за потоа да бидат нејзин кадар.

– Така планиравме да ги зголемуваме капацитетите во ИТ, во електротехника, во машинство… Гледате овде со каква опрема се работи. Значи треба да има луѓе за таа опрема. Значи, сето она што е дефицитарно, критична специјалност по можност да го стипендираме од прва година на факултет. Тој конкурс не можеме да го реализираме затоа што законот е заглавен. Војници од 45-годишна возраст не можат да земат помеѓу 20 до 25 илјади евра како крај на нивната кариера затоа што законот е заглавен. И навистина уште еднаш повикувам таа кочница, која често се користи, да не се користи за овој закон затоа што навистина од законов има само победници, нема поразени, рече Шекеринска на новинарско прашање во касарната Чојлија кај Петровец, по примопредавањето на АБХО опрема за деконтаминација, донација од САД.

Таа истакна дека за тоа разговарала со пратеници од опозицијата во текот на седницата во четвртокот за пратенички прашања и дека кажала оти е подготвена за компромис за сите прашања каде што е тој возможен.

– Не сум ниту тврдоглава, ниту желна да биде така како што сме предложиле, ама мора да биде подобро, не смее да биде полошо. Јас се надевам дека откако излегов со некои предлози, со некои можни компромисни решенија се надевам дека ќе имаат слух за седумте илјади луѓе кои ги викаме секојпат кога ќе згусти. Седум илјади луѓе кои при секоја криза се на улица, се по планини, гасат пожари, се вклучени во најтешките активности како држава. Сега е момент да им вратиме, вели Шекеринска.

Таа потсети дека Законот во прво читање е поминат и нагласи оти не мисли дека ова решение треба да се бара надвор од Собрание.

– Во Собрание го дискутиравме, во Собрание сите го поддржаа во прво читање, верувајте една критика немаше. Јас сум била во Собрание, знам како на нож се дочекуваат одредени измени во коишто ќе има малку разлики и значење. Сите кажаа дека одредбите се добри. И за жал, одредени политички структури потпаднаа под влијание на луѓе кои ем сакаат да носат армиска униформа, ем сакаат да не и помагаат на армиската униформа со која што го делат животот, рече министерката Шекеринска.

Поврзани новости