Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во вечерашното интервју за „360 степени“ рече дека одлуката на САД за воведување санкции за поединци и правни лица од Бугарија е најголема таква одлука направена во еден ден.
-Првата порака што американската администрација ја испрати е дека се враќаат на темата на демократски вредности. Не само кога дискутираат со македонски или бугарски политичари, туку и кога дискутираат со првите луѓе на НАТО алијансата. Тие тогаш најавија и борба против корупцијата. И кај нив и во НАТО документите доминантен е ставот дека држави кои нема да знаат да се носат со популизам, национализам и корупција, стануваат меко ткиво во НАТО алијансата за влијание од страна. Она што се случи со одлуката за Бугарија беше помалку како гром од ведро небо. Имаше дискусии околу проблемот со корупција во Бугарија, имаше протести и таканатаму, но според моето сеќавање ова е најголема одлука со санкции која било кога САД ја направиле во еден ден. Шеесет и пет личности и правни лица се ставени на листата на санкции. Ова е навистина акција која одговора на зборовите на САД., рече Шекеринска.