Случајот „Рекет“ покажа колку повеќе ништо не е исто, бидејќи пред три години граѓаните шепотеа за наводи за рекет и се плашеа гласно да зборуваат, а камоли да соопштат во јавноста, изјави денеска заменик-премиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска при денешната посета на велешката касарна за свеченото доделување договори за работа на 125 професионални војници.
– Сега покажавме дека кога ќе има таков навод институциите моментно реагираат. Никој не е заштитен и никој не ја попречува истрагата. Од сите изјави од претставници на сите институции, особено од претставници на Владата добивте иста порака: Законот мора да важи за сите. Никој никогаш нема да биде заштитен ако го прекршил законот. Затоа ја поддржавме истрагата, затоа побаравме органите што тоа треба да го направат постојано да ја информираат јавноста и затоа повикуваме да не се сведе истрагата, односно дискусијата на инсинуации и дисквалификации. Сите ние сме отворени пред јавноста, порача Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање за случајот „Рекет“ во врска со дел од написите во кои се спомнуваат имиња на функционери на СДСМ, меѓу кои некаде и нејзиното.
Таа додаде дека веќе добивала прашања од новинарите од различни медиуми и потенцира дека ниту како член на Владата, ниту како министер за одбрана, не фаворизирала некого, ниту потпишувала некои договори кои сега би излегувале во јавност.
– Никој од нас нема што да скрие, меѓутоа од друга страна инсинуациите поткрепени на „рекла казала“ навистина не се корисни. Инаку и јас би можела да излезам и да кажам дека пријателот на пријателот на еден ваш колега денеска е избеган во Будимпешта, дали тоа значи дека вашиот колега е виновен за неговото бегство? Никој паметен никој разумен тоа не би го кажал. Затоа органите треба да си го истражат своето, а ние покажавме дека никој не е света крава. Никој не е заштитен, никој не е под закрила на власта. Напротив се покажа и дека институциите можат да функционираат без политички притисок, потенцира Шекеринска.
На прашање дали очекува да биде повикана за да објасни за овој случај, појасни дека за нешто да се демантира треба да има некаков факт.
– Никаков факт не беше кажан. На инсинуациите не можете да одговорите со факти. Ние сите сме граѓани и како такви сме обврзани да сме на располагање на институциите. Јас не можам да ја вршам нивната работа,затоа не сакам да шпекулирам за нивната работа. Ама како човек кој нема од што да се плаши, ниту од што да се срами, можам да излезам и пред вас и да говорам отворено, појасни Шекеринска за овој случај.