Како Влада и како луѓе ќе правиме се што е во наша можност да не направиме сите ние да бидеме заложници на историјата. Темните страници од балканската историја не треба да ни бидат судбина и ако европските нации најдоа сила да не забораваат, но да простуваат, тоа треба да го правиме и ние. Нашиот обид како Влада е да наоѓаме решенија кои ќе ни обезбедат европска иднина, нагласи денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа, на новинарско прашање околу реакциите за интервјуто за бугарски медиум на премиерот Зоран Заев, посочи дека она што премиерот го кажал не е негација ниту на фашистичката опасност, ниту на нашата антифашистичка борба.
– Планот, политиката, желбата на премиерот е да отвори малку повеќе врати помеѓу соработката на Северна Македонија и Бугарија и да не дозволи тоа што се случувало пред 70 години да ни биде единственото нешто за што дискутираме во 21 век, нагласи Шекеринска.
Министерката за одбрана потенцираше дека она што го покажале во изминатиот период како Влада е дека сакаат и знаат да работат на компромис, но и дека кажувааат „не“ и не бегаат од „не“ таму каде што предлозите се неприфатливи. Така, како што посочи, ќе продолжат да прават и понатаму.
– Фашизмот нема етничка боја. Денес кога зборуваме за нашите односи со Германија, не дозволуваме тие односи, како ни односите меѓу Франција и Германија, да бидат доминирани од прашањето на фашистичкото минато. Прашањето не е дали ќе ја читаме или ќе ја заборавиме историјата, треба да се памети историјата. Прашањето е дали денеска ќе ги носиме одлуките исклучиво базирани на тоа што се случувало пред 70 години. Јас мислам дека мнозинството граѓани особено оние кои се силни поддржувачи на антифашистичката борба во Македонија сакаат да ја гледаат иднината како таква шанса, не како заложник на историјата, заклучи Шекеринска.