Нашата цел да најдеме решение коешто ќе биде позитивно и за Македонија и за Грција е постигнато со овој предлог пакет, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
– Министрите за надворешни работи договорија еден пакет кој што двајцата премиери начелно го потврдија. Она што беше нашата цел, а тоа е да најдеме решение коешто ќе биде позитивно и за Македонија и за Грција, сметаме дека е постигнато со овој предлог пакет. Не случајно премиерот вчера јасно порача дека сметаме дека пакетот којшто беше усогласен нуди шанса сите да излезат од овој процес како победници, истакна Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање по свеченоста на која беше одбележан 23 мај – Меѓународниот ден на Власите.
Посочи дека Република Илинденска Македонија претставува одлична база за решение, заради тоа што, таа подразбира временска одредница, се поклопува со важни датуми од историјата и покажува дека Република Македонија ниту имала, ниту ќе има територијални претензии.
– Сите елементи во решението одговараат и на очекувањата и на барањата во Македонија и во Република Грција. Тие даваат одговор на нашите национални и државни интереси и го заштитуваат нашиот идентитет. Ќе продолжиме да работиме на решение и да градиме пријателство, заради тоа што сметаме дека овој пат навистина сме многу блиску, истакна Шекеринска.
Во однос на коментарите дека сега нема повлекување од „ерга омнес“, Шекеринска потсети дека сме врзани со пакет решение кое, како што рече, не може да се дроби на парчиња.
– Од првиот момент до денес, и македонските и грчките преговарачи кажуваат дека или ќе договориме се или нема да имаме договор, дека пакетите се тие кои што не можат да бидат отворени и секој да си бира што сака, туку дека бараме решение кое што ќе даде одговор на сите прашања и кое ќе биде прифатливо за двете страни. Таков договор беше постигнат прво меѓу двајцата министри, а потоа начелната согласност беше дадена и од страна на двата премиери и тоа е пакет, кој не може да се дроби на парчиња, рече Шеќеринска.
Според нас, додаде таа, ова беше добар чекор напред и добра основа на решение кое што требаше да се преточи во договор подготвен и од страна на медијаторот Метју Нимиц.
– Очекуваме дека овие контакти ќе продолжат и дека средбата ќе се случи оваа недела. Меѓутоа, работиме на решение кое што ќе одговара на интересите на двете држави и на Македонија и на Грција, нагласи Шеќеринска.
Таа не очекува териториторијални претензии од Бугарија по последниот предлог за името.
– Македонија е единствената држава во Западен Балкан којашто го затвори целосно прашањето на своите граници и тоа не е случајно. Таа политика ја водеа сите досегашни влади со цел да стават точка на сите стравувања за претензии. Границите на нашата држава се познати, територијални претензии ниту ние имаме кон соседите, ниту гледаме територијални претенциии кон Македонија. Сакаме со сите наши соседи да развиваме партнерство и пријателство и тоа го правиме, потенцира Шекеринска.