Шекеринска положи венец во спомен на загинатите бранители кај Љуботенски бачила

by fokus

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во касарната „Илинден“ положи венец на споменикот на загинатите бранители, во спомен на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа кај месноста Љуботенски бачила.

-Денес се собравме во касарната “Илинден” да им оддадеме почит на загинатите бранители кај месноста Љуботенски бачила. Ја предводев делегацијата на Министерството за одбрана и на Армијата. Положив цвеќе на Спомен плочата поставена во нивна чест. Поразговарав и со нивните семејства.
Поминаа 19 години од трагичните настани, но споменот за сите загинати бранители во 2001 ќе остане вечно во нашите срца. Слава им!, напиша Шекеринска на фејсбук.

На споменикот на загинатите бранители, венци положиле и членови на нивните семејства и делегација од кабинетот на Претседателот на државата, соопштија денеска од Министерството за одбрана.

На овој ден, пред 19 години кај Љуботенски бачила загинаа Томе Бадаревски, Бранко Јанев, Марјанчо Бошковски, Раде Јанковски, Гоце Чанкуловски, Томислав Настевски, Ивица Златевски и Томе Димоски.

Поврзани новости