„Тезата дека нема алтернатива, според мене, не функционира. Многумина што ја поддржуваат тезата за уставни измени треба да ги разберат и оние граѓани што велат не. Главно се Македонци, но тој број не е за потценување. Најголем број од луѓето што се против уставните измени не се против ЕУ. Не треба да ги убедиме дека ЕУ е важна, некои знаат повеќе и од нас. Тој отпор не доаѓа од отпорот против ЕУ, туку од стравот дека ова не е крај. И тој страв не е нереален. Се плашат дека по тоа, ќе има нови барања“.
Ова меѓудругото го рече поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска на дебатата „Европски фронт“, организирана по повод годишнината на владејачката ДУИ.
Според неа, војната во Украина ја сменила геополитичката карта за проширување на ЕУ, па иако избира да биде оптимист, смета дека многу е потешко за малите држави кои мора да знаат да ја читаат геополитичката карта.
„Кога големи држави прават стратешки грешки, тоа е грешка и има цена, но кога мали држави прават грешки, тоа е катастрофа. Сите анализи покажуваат дека летоска нѐ очекува многу тешко лето. Во најдобро сценарио, влегуваме во продолжен период на геополитички ривалитет. Треба да знаеме кај сме. Според мене, фер е да ги поставиме отворено прашањата. Дали вистински е возможно дека војната во Украина ја смени геополитичката карта, па сега има поголем апетит за проширување? Одговорот е да“, рече Шеќеринска.