Долг пат поминавме од местото каде што почнавме пред три години. Станавме триесетта членка на Алијансата, и дел од најмоќниот воено политички сојуз. Се опкруживме со сојузници кои ги споделуваат нашите вредности. Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел. Но, најважно од се, заедно со подигањето на нашето знаме, се подигна и нашата гордост и главата на сите граѓани.
Ова денеска во Скопје по повод одбележувањето на Денот на Армијата – 18 Август го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Според министерката, со подигањето на нашето знаме во Брисел првпат во историјата на нашата татковина успеавме да забележиме успех, кој како што рече, ја помести нашата држава напред и и ги отвори перспективите.
– Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, пред сојузничката команда за операции во Монс, пред сојузничката команда во Норфолк, како и во сите останати команди на НАТО Алијансата. Од зборови и надежи направивме резултат. Од прослави на кои НАТО знамето беше пример и симбол на нашите желби дојдовме во ситуација да го прославуваме денот на Армијата и знамето на НАТО да биде дел и симбол на нашата припадност и успех, рече Шекеринска.
Таа додаде дека нашите интереси се нашите вредности. Тие, како што појасни, ни се заеднички: демократија, индивидуални слободи и владеење на право. Шекеринска потенцира дека членство во НАТО не исправа пред нова одговорност, не само во земјава туку и во светот, односно одговорност да бидеме таму каде што треба, рамо до рамо со нашите сојузници.
– Да ги исполнуваме целите на НАТО за мир, демократија и соработка. Да помагаме на послабите, да учиме од помоќните и поразвиените, додаде Шекеринска.