Во пресрет на лидерскиот самит на земјите – членки на Алијансата кон средината на месецов, вчера попладне преку заштитена видео-конференциска врска се одржа состанок на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана на кој учествуваше министерката Радмила Шекеринска.
На состанокот, како што информираат од Министерството за одбрана, биле финализирани подготовките за Самитот на НАТО, закажан за 14 јуни 2021 година, во Брисел, чија главна тема ќе биде иницијативата „НАТО 2030”, чија цел е подготовка на Алијансата за следната декада. Се очекува на Самитот на НАТО да бидат донесени амбициозни одлуки и да се потврди посветеноста на Алијансата на трансатлантската врска.
-На состанокот на министрите за одбрана беа потврдени одлуките врзани за колективната одбрана, за проширувањето на пристапот кон безбедноста и зајакнување на отпорноста на општествата на новите безбедносни предизвици. Воедно, беше потенцирано значењето на технолошкиот развој и неговото влијание во градењето на одбранбените капцитети и способности. Министрите за одбрана се согласија дека Алијансата во иднина ќе ја прошири соработката со партнерите и со сите демократски земји кои се залагаат за меѓународен поредок заснован на правила. Исто така, беше постигната согласност дека НАТО во иднина ќе работи на зголемување на свеста за безбедносните импликации од климатските промени, се наведува во соопштението од МО.
Министерката Шекеринска ги презентирала националните ставови на Република Северна Македонија, давајќи силна поддршка на определбата за зајакнување на колективната одбрана, како и на потребата за континуирана адаптација на новите безбедносни предизвици, со кои ниту една земја не може да се справи самостојно.
На состанокот станало збор и за состојбите во Авганистан, каде завршува мисијата на НАТО, но останува определбата за цивилна и дипломатска поддршка на безбедносните институции во Кабул.
Министрите за одбрана, како што стои во соопштението, ја поддржале одлуката за донесување на следен Стратегиски Концепт на Алијансата, кој ќе биде презентиран и одобрен на следниот НАТО Самит во 2022 година. дма/