Договорот што го потпишавме со Бугарија, не беше само договор за решавање на проблемите, туку и градење на доверба и на добрососедски односи, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
-Ние вложуваме во тие добрососедски односи и очекуваме тоа да го направи и Бугарија. Дефинитивно одлуките што ќе се носат до крајот на годината ќе влијаат позитивно или негативно на тие односи и тоа нема да бидат само нашите билатерални односи, туку ќе влијаат на регионот. Очекуваме токму државите што ги отвораа вратите, сега да ја покажат истата волја, интерес и желба да помогнат регионот да тргне напред – рече Шекеринска.
Таа додаде дека со бугарскиот колега Красимир Каракачанов има теми околу кои не се согласуваат, но, истакна таак, и двајцата се избрани да работат регионот да биде стабилен и безбеден.
-И нашиот влог кон таа стабилност и безбедност мора да биде добрососедството, мора да биде решавање на проблемите и обично резултатите од таа работа се подобри ако разговараме со аргументи за да се најде решение, не со емоции и со обид да се наметне решение. Ние ќе продолжиме така да функционираме како Влада, ќе продолжиме така да се претставуваме како држава и на тој начин ќе ги решаваме прашањата – изјави Шекеринска.