ВМРО-ДПМНЕ не смее да каже ни „п“ од правна држава, истакна Радмила Шекеринска, носител на листата кандидати за пратеници од коалицијата „Можеме“ на средба со битолските новинари, одговарајќи на прашања врзани со актуелната политичка кампања во државата.
Шекеринска праша зошто нејзиниот противкандидат, носител на листата кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ бега од медиуми и отворени прашања.
-Не бегам од камери, не бегам од поставени прашања, а каде е носителот на листата од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Дурловски да одговори барем на едно прашање од медиумите, од граѓаните!? Ако ги погледнете дневните агенди на ВМРО-ДПМНЕ ќе воочите дека не кажуваат каде е Дурловски? Ако како битолчанец не знае каде води патот од Битола, што ли ќе каже за регионалните патишта во Струшко или Кичевско. За жал, ВМРО-ДПМНЕ не промени ни точка во своето однесување. Лаги, дезинформации, напади и плукања, изјави Шекеринска.
Сакам да порачам, како што рече, дека како партија покажавме разлика, бидејќи ниту еден од СДСМ не беше над законот, ниту еден случај не беше блокиран, ниту еден кандидат или пратеник од СДСМ не се крие од Судот, ниту еден од нас не бега кога ќе го повикаат во полиција. ВМРО-ДПМЕ треба да одговори на многу прашања, но не смее да каже ни п од правна држава.
– Кога ги слушав дека зборуваат за нула толеранција кон криминалот, мојата реакција беше дека има две нули и една единица пред тие две нули, односно имаат 100 процентна толеранција за криминалот и корупцијата во нивните редови, рече Шекеринска.