Министерскиот состанок на Северноатлантскиот совет на Алијансата на кој учествува министерката за одбрана Радмила Шекеринска, продолжи денеска со две сесии, посветени на буџетирањето на одбраната и на мисијата на Алијансата во Авганистан, „Одлучна поддршка“.
Министерката Шекеринска информираше дека буџетот за одбраната во последните две години расте, а оти државата е на одличен пат зацртаните два отсто од бруто-домашниот производ, алоцирани за одбрана, да бидат постигнати до 2024 година.
На состанокот посветен на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, министерката Шекеринска ги поздрави и поддржа напорите на НАТО за воспоставување на стабилност, безбедност, мир, слобода и демократија во оваа земја.
Таа истакна дека нашата земја ќе продолжи да придонесува со свои припадници во оваа мисија во која сега имаме 47 војници, подофицери и офицери. Тоа е факт кој покажува дека Северна Македонија не отстапува од своите позиции и секогаш носи одлуки кои се за доброто на регионот, на Алијансата, и на глобално ниво.
Денеска, Шекеринска имаше и две одвоени средби со министрите за одбрана на Италија, Елизабета Трента и на Полска, Мариус Бласчзак.
На средбата со министерката Трента, Шекеринска ги повтори позициите на Северна Македонија дека Италија беше и останува исклучително значаен партнер и набрзо сојузник на нашата земја и дека ние ја цениме сета досегашна италијанска поддршка, особено во изминатиот клучен период за нашата држава. Министерката Трента рече дека поддршката продолжува и дека во Италија во тек е процесот на ратификација на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.
На средбата Шекеринска – Бласчзак, беше потврдена исклучително добрата билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Полска, која беше крунисана со ратификацијата на пристапниот протокол за членство на нашата земја во Алијансата, во април годинава. Министерот Бласчзак порача дека одбранбената соработка е одлична и дека таа во иднина ќе се продлабочи уште повеќе.