„Приемот на Црна Гора во Алијансата покажа дека процесот на проширување на НАТО со земјите од регионот доби динамика што е незапирлива и која ќе донесе уште поголема регионална, но и континентална безбедност и стабилност. Оптимизмот во Македонија за евроатлантските интеграции е вратен и добрата клима треба да се искористи за затворање на овој долг процес“, заклучија на денешната средба во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска и амбасадорот на Црна Гора, Предраг Митровиќ.
Шекеринска упати честитки за членството на Црна Гора во НАТО, посочувајќи дека тоа е доказ дека кога ќе се реализираат реформите во државата, принципот на отворени врати на НАТО, функционира.
Таа посочи дека Владата е подготвена да ги интензивира реформските зафати, согласно заклучоците од Самитот на НАТО во Варшава и со членството во Алијансата да придонесе кон регионалната и европската безбедност.
Амбасадорот Митровиќ изрази подготвеност од Црна Гора за секаков вид помош и поддршка на патот на интеграцијата на Македонија во НАТО и се заблагодари за помошта од македонска страна во процесот на пристапување на Црна Гора во Алијансата, имајќи предвид дека Македонија ги исполни своите обврски поврзани со членството во Алијансата пред дел од земјите од регионот кои се веќе дел од Алијансата.