Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска нагласи дека поминало времето кога министри за одбрана во регионов даваат изјави, како таа што ја изнесе бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, а некој да ги смета за сериозни и оти таквиот начин на комуникација не доликува на земји-членки на НАТО.
– Македонскиот јазик, македонскиот народ се реалност и ниту едни политички преговори, ниту политички препукувања нема да ја сменат таа реалност. Меѓутоа можеме да направиме подобра иднина за нашите народи и да создадеме повеќе шанси за нашите млади. Ние така ја гледаме нашата задача, изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање по свеченоста по повод промоцијата на потпоручници и заклетвата на питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Таа потенцира дека ќе продолжи да ги испраќа истите пораки што се испраќани изминатите години, а тоа, како што подвлече, дека „нашите граѓани не плаќаат и очекуваат да им обезбедиме безбедност, а таа безбедност зависи од добрососедските односи“.
– И затоа очекуваме Бугарија, која беше една од државите во регионот, која од самиот почеток ја поддржа нашата независност, но и нашето членство во НАТО и во ЕУ, тоа да го прави и сега, бидејќи пријателските народи македонскиот и бугарскиот можат да одат напред само ако меѓусебно се поддржуваат, рече министерката за одбрана Шекеринска.