По постигнувањето на договорот со Грција, министерката за одбрана Радмила Шекеринска испрати писмо до министрите за одбрана на 29-те земји членки на НАТО, во кое од нив бара Македонија на Самитот на Алијансата во јули да добие покана за членство во НАТО.
„Ви пишувам по постигнувањето на историскиот договор околу спорот за името со Грција. Оваа пречка за нашата евроатлантска интеграција е отстранета. Ја барам вашата поддршка за Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит. Беше потребна храброст, лидерство и дипломатија за да се постигне оваа цел – од двете страни. Нашиот народ е обединет и недвосмислен во желбата да станеме дел од НАТО и ЕУ, со доследна поддршка од повеќе од 75 отсто од нашите граѓани“, пишува министерката.
Дополнително, Шеќеринска во писмото наведува дека со приемот на Македонија во НАТО ќе се консолидира демократијата во регионот, ќе се зајакне стабилноста и безбедноста и ќе биде поставен позитивен пример за Западниот Балкан. Воедно, таа посочува дека земјава направи крупен исчекор во подобрувањето на добрососедските и меѓуетничките односи, во владеењето на правото, слободата на медиумите, кредибилните избори и независноста на судството.
„Сега ни е потребна вашата поддршка повеќе од секогаш. Во согласност со одлуката на Самитот во Букурешт во 2008, сега откако е постигнато заеднички прифатливо решение на спорот за името, очекуваме покана за членство во НАТО“, пишува министерката за одбрана.
Како што соопштија од министерството, таа телефонски разговарала со министерката за одбрана на Германија, Урсула Вон Дер Лејен, со италијанската министерка за одбрана, Елизабета Трента, и со романскиот колега, Михаи Виорел Фифор, кои и ја пренесоа поддршката за покана за Македонија на јулскиот Самит во Брисел, за членство во НАТО.