Министерката за одбрана и вицепремиерка, Радмила Шекеринска, завчера за прв пат по подолг период пред јавноста ја покажа својата ќерка единица, Ада, за време на доделување на орденот „Командант на Националниот ред за заслуги на Република Франција“.
Осумгодишната Ада ја проследи церемонијата заедно со својот татко Божидар и со своите баба и тетка, односно мајка и и сестра и на Радмила. Облечена во бело фустанче, со љубопитен поглед, на моменти изгледаше како да и е здодевно и попрво би трчкала во парк, а на моменти ја покажуваше широката детска насмевка. Сосема спонтано, таа го украде целото внимание на настанот, на кој присуствуваше и премиерот Зоран Заев, министри, амбасадори и пратеници. Околу тоа дали Ада е свесна за тежината и одговорноста на професијата на нејзината мајка, како таа во својот детски свет го доживува фактот што е дете на позната политичарка, и дали повеќе би сакала мајка и да биде, на пример учителка, жена со вообичаено работно време и да минуваат незабележано во јавноста, поразговаравме со министерката Шекеринска.
-Ада е неодлучна: еден ден сака да дојде со мене на телевизија, друг ден ме прашува зошто мора да одам на работа. Многу е весела и умна, но не ја сака многу гужвата околу мене. Порано прашуваше зошто сите ме поздравуваат и се сликаат со мене. Дури и се лутеше. Сега, кога порасна, и таа знае да се уфрли на селфито – раскажува гордата мајка.
Вели дека Ада е мамина ќерка, освен кога е во криза, тогаш се свртувала кон татко и Божидар и тој бил главен во таквите моменти.
-Повеќе пати, Ада ми рекла дека би сакала да немам работа воопшто. Свесна е, дури и се секира за мене дека не сум јадела доволно. И реков: Ада, мајките се секираат за децата, не обратно, а таа ми рече: Е, ова дете се секира! – со насмевка се присетува Радмила.
Иако животот им минува под лупата на јавноста и се забележани каде и да се појават, во врска со тоа како го минуваат слободното време, раскажува дека се едно типично семејство кое сака да се дружи со своето дете во парк, да играат и пеат, да учат заедно.
-Дома играме игри и веќе, без попуштање, речиси постојано губам. Правиме и “истражувања” за темите кои ги учат во училиште. Ако Бобо ги свири песните што ги знаеме, ги “мачиме” соседите со гласно пеење и играње. За викенд сме со тротинет во парк и во кино – споделува Шекеринска.
Кога во април 2010 година, таа ја роди ќерката и ја крсти Ада, име кое е ретко на нашите простори, многумина се прашуваа дали името има некое посебно значење, и дали можеби е поврзано со Рада, како што скратено ја нарекуваат Радмила. Сепак, министерката открива дека немало некоја посебна приказна поврзана со тоа како Ада го добила своето име, и како го избрале бидејќи едноставно им било убаво.
-Ада во германските јазици значи благословена, а на турски значи остров. Нам само ни беше убаво името, таа ни значи се. Името не ни требаше ништо да значи – раскажа Шекеринска.
Вики Клинчарова