Шекеринска: Буквално сите државни капацитети се ставени во служба на справувањето со пожарите

by fokus

Речиси десет дена буквално сите државни капацитети се ставени целосно во служба на справувањето со пожарите, а Армијата и нејзините припадници покажаа дека секогаш и секаде се први да одговорат на барањето на граѓаните и на државата, да се вложат со целиот капацитет, со целото знаење со целата нивна опрема за да спасат прво човечки животи, а потоа да ги спасат и материјалните добра и природните добра на државата, истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Ангажирани беа и се уште се, сите капацитети на Армијата, човечкиот потенцијал и нашите воздухоплови за кои во ниту еден момент практично немаше простор за одмор. Ангажирани се пешадиски единици од Командата за операции, Првата бригада, специјалните сили и целосно беа ангажирани припадниците и воздухопловите на воздухопловниот ВИНГ. Буквално сите капацитети заедно со логистиката кои имаат знаење и умеење да се справуваат со огнените стихии, потенцира Шекеринска на денешната заедничка прес-конференција со командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковник Стојко Пејовски и командант на Командата за операции на Армијата, бригадниот генерал Бесник Емини, посветена на ангажманот на армиските припадници во справувањето со пожарите во земјава.

Шекеринска појасни дека во моментов 1.614 припадници се ангажирани и додаде дека оваа бројка постојано се менува. Над 1000 припадници на Армијата секојдневно се во фаза на приправност, а во просек дневно помеѓу 250 до 400 војници со целосна опрема, механизација и летала беа ставени на располагање на цивилните институции за да помогнат.  И практично ова е, како што рече, најголемата бројка на човечка сила која што се вклучи во гасењето на пожари.

– Повеќе од 80 прелети со над 650 тони исфрлена вода, беспоштедно, без резерви, без калкулации Армијата излезе и за своите граѓани и за својата држава, рече Шекеринска и изрази благодарност до припадниците на Армијата за нивниот голем ангажман и ризиците со кои се соочуваа, и на земја, а особено на воздух.

Министерката Шекеринска потсети дека ги посети војници и офицерите распоредени на терен во Старо Нагоричане, во Беровско-пехчевскиот регион,  во Прилеп, Штип…, додавајќи дека разговарала и со дел најголем дел од припадниците на воздухопловниот ВИНГ.

Поврзани новости