Грчкиот и турскиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас и Мевлут Чавушоглу дојдоа во вербален судир на прес-конференцијата во Анкара, поради различните ставови за повеќе билатерални прашања.
Чавушоглу и Дендиас презентираа спротивставени ставови за поморските граници, мигрантите и третманот на малцинствата што доведе до вербален конфликт меѓу двајцата министри пред камерите, на прес – конференцијата за посетата на грчкиот министер чија цел е започнување дијалог за решавање на билатералните спорови.
Дендиас особено ги критикуваше активностите на Турција во Егејското Море и источниот дел на Средоземното море, како и спроведувањето на договорот за мигрантите од страна на Турција.
-Ако изнесете толку тешки обвинувања против мојата земја и мојот народ, јас сум должен да одговорам, рече Чавушоглу, видно незадоволен од изјавите на неговиот грчки колега.
-Позицијата на Грција е јасна и вие не ја слушате прв пат. Турција ги крши меѓународното право и поморската конвенција во Егејското Море и источниот дел на Средоземното море, како и суверените права на Грција, бидејќи спроведе 400 лета над грчкото тло, рече Дендиас.
Чавушоглу возврати дека Анкара ги штити интересите на Турција и на кипарските Турци во Средоземното Море, додека за договорот рече дека Турција „сосема пристојно“ го спроведува.
Турскиот министер неколку пати повтори дека она што Дендиас го зборува е „неприфатливо“.
Грција и Турција, кои со години имаат чувствителни односи, се расправаат околу разграничувањето на зоната за експлоатација на гас во источниот Медитеран.
Односите беа затегнати и од меѓусебното незадоволство од третманот на муслиманските малцинства во Грција и православните малцинства во Турција.