Лидерите на шесте земји од Западен Балкан ќе се сретнат денеска во Брисел на самитот Европска Унија – Западен Балкан, а на средбата ќе доминираат теми за тоа како двете страни можат заедно и ефективно да одговорат на предизвиците во се покомплексниот геостратешки контекст.
Според она што претходно го објави бриселскиот портал Политико, повикувајќи се на нацрт-декларацијата што треба да биде усвоена на крајот од самитот, ЕУ планира да ги принуди земјите од Западен Балкан да се усогласат со нејзината заедничка надворешна и безбедносна политика и да воведат санкции за Русија.
„Ги пофалуваме партнерите од Западен Балкан, кои веќе покажуваат стратешка посветеност со целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и ги охрабруваме оние кои не го сториле тоа да го следат нивниот пример“, се наведува во нацрт-документот.
Во предложената декларација се нагласува „важноста од подобрено спроведување на рестриктивните мерки и спречување на нивно заобиколување“.
Земјите од Западен Балкан, исто така, ќе бидат поканети да ја зајакнат сајбер безбедноста, меѓу другото, преку обезбедување на „безбедно распоредување на 5G мрежите преку сеопфатна примена на Алатникот на ЕУ за безбедност на 5G технологијата“.
Тој пакет предвидува исклучување или ограничување на употребата на опрема од кинеските компании Huawei и ZTE.
Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи ден пред самитот на Европскиот совет, на кој една од темите ќе биде и проширувањето на ЕУ.
Денеска лидерите на Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово ќе присуствуваат на состанокот во Брисел со лидерите на 27-члениот блок.