Шефот на руската паравоена група „Вагнер“, Евгени Пригожин, го бранеше видеото во кое е прикажана бруталната егзекуција на руски платеник кој пребегнал на украинската страна. Евгени Пригожин ја потврди вистинитоста на снимката и кажа дека 55-годишниот Евгени Нужин, кого го убиваат со токмак, е куче кое заслужило кучешка смрт.
Осудениот убиец во едно интервју од септември кажа дека преминал на украинската страна.
Во видеото, тој вели дека на 11 ноември го удриле по глава додека шетал низ Киев и потоа се разбудил во подрум. Нејасно е како тој слободно се шетал по улиците на Киев кога бил воен заробеник.
Снимката на убиството на Нужин викендов била објавена на каналот на Телеграм, „Греј зон“. Нужин вели дека бил регрутиран во август, по што заминал да војува во Украина, за подоцна да биде заробен од Украинците. Тој кажа дека имал намера да ја промени страната и да се бори против Русите.
„Нужин ги предал своите луѓе, своите соборци. Видеото има извонредна режија и се гледа во еден здив. Мислам дека би можело да се нарече ‘Кучешка смрт за куче‘“, кажа Пригожин.
Кремљ се обиде да се дистанцира од видеото, велејќи дека тоа не е нивна работа.
Нужин разговарал со украински новинар во септември, кога кажал дека бил регрутиран лично од Пригожин, при што му биле ветени целосно помилување, плата, како и компензација за семејството ако загине. Тој притоа тврдел дека заминал во Украина со намера да се предаде.