Шефот на ОН за клима: Најбогатите земји треба да дадат повеќе и да им помогнат на ранливите

by Fokus

Шефот на ОН за климата ги повика денеска лидерите на најголемите светски економии да испратат сигнал за поддршка за финансирање на глобалната борба против климатските промени кога ќе се сретнат во Рио де Жанеиро следната недела.

Апелот, кој го испрати шефот на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, Сајмон Стил, во писмо до лидерите на земјите од Г-20, дојде во време кога заглавија преговорите за зголемување на финансирањето на борбата против ефектите од климатските промени на конференцијата на ОН COP29 во Баку.

„Самитот следната недела мора да испрати кристално јасни глобални сигнали“, вели Стил во писмото.

Тој рече дека сигналот треба да го поддржи зголемувањето на субвенциите и заемите, како и олеснување на долгот, така што ранливите земји „не се задржуваат поради трошоците за сервисирање на долгот кои ги оневозможуваат поамбициозните активности за климата“.

Бизнисмените го повторија апелот на Стил, велејќи дека се загрижени поради „недостигот на напредок и фокус во Баку“.

„Ги повикуваме владите, предводени од Г-20, да го препознаат моментот и да понудат политики за забрзување на транзицијата од фосилни горива кон чиста енергетска иднина, за да ги овозможат неопходните клучни инвестиции во приватниот сектор“, велат од коалицијата на деловни групи.

Успехот на овогодинешниот самит на ОН за климата зависи од тоа дали земјите ќе се согласат на новите финансиски цели што побогатите земји, кредиторите и приватниот сектор треба да ги постигнуваат секоја година. На земјите во развој им требаат најмалку трилиони долари годишно до крајот на деценијата за да се справат со климатските промени, рекоа економистите на конференцијата.

Сепак, на половина пат од двонеделната конференција, преговарачите досега не постигнаа голем напредок. Нацрт-текстот на договорот, кој беше долг на 33 страници претходно оваа недела, во саботата беше скратен на 25 страници.

Поврзани новости