Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Украина продолжува да напредува додека се обидува да ги турка руските сили од исток и југ.
Столтенберг со државниот секретар Антони Блинкен во Стејт департментот рече дека украинските сили напредуваат во долгоочекуваната контраофанзива чија цел е ставање крај на руската окупација на украинските територии.
„Украина прави разлика на бојното поле додека зборуваме, бидејќи Украинците тргнаа во офанзива. Тие напредуваат. Тие освојуваат области“, рече Столтенберг.
Тој нагласи дека притисокот е сè уште на почетокот, но колку повеќе територија Киев може да одземе од Москва, „нивната рака ќе биде посилна на преговарачката маса“ и толку е поголема веројатноста рускиот претседател Владимир Путин да сфати дека никогаш нема да победи во оваа битка.
Украина соопшти дека нејзините сили напредувале на линијата на фронтот со Русија во регионите Доњецк и Запорожје за време на контраофанзивните акции што ги најави украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на викендот.
Блинкен рече дека очекува нов пакет политичка и воена помош за Украина да биде објавен кога лидерите на НАТО ќе се состанат во Вилнус, Литванија, следниот месец.