Новиот одбранбен пакт на Русија со Северна Кореја покажува зголемена усогласеност меѓу авторитарните сили и ја нагласува важноста на демократиите да претставуваат обединет фронт, изјави вчера шефот на НАТО.
„Мораме да бидеме свесни дека авторитарните сили се повеќе се здружуваат. Тие меѓусебно се поддржуваат на начин каков што досега не сме виделе“, рече Столтенберг на панел дискусија за време на официјалната посета на Отава.
„Кога тие се повеќе и повеќе обединети – авторитарни режими како Северна Кореја и Кина, Иран, Русија – тогаш е уште поважно да сме обединети како земји кои веруваат во слобода и демократија“, рече тој.
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша договор со севернокорејскиот Ким Џонг Ун кој вклучува взаемна одбранбена посветеност, потег што ја менува политиката на Москва кон Пјонгјанг.
Столтенберг изјави дека Северна Кореја и доставила огромно количество муниција на Русија, додека Кина и Иран воено ја поддржуваат Москва во војната против Украина.