Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ја поздрави ерменската солидарност со Украина, на крајот од тридневната посета на главните градови на јужнокавкаските држави, која Кремљ внимателно ја следеше и критикуваше. Столтенберг денеска го заврши тридневното патување во Ереван, при што освен со ерменскиот премиер Никол Пашинјан, се сретна и со лидерите на Азербејџан и Грузија.
На последниот ден од турнејата, Столтенберг ги повика Ерменија и Азербејџан да потпишат мировен договор по војната во Нагорно-Карабах, од која Баку излезе како победник. Лидерите на двете земји неодамна најавија дека се поблиску од кога било до постигнување договор. „Ерменија и Азербејџан имаат можност да постигнат траен мир“, рече Столтенберг во Ереван, пренесе Франс прес.
Русија, историски најдоминантната светска сила во областа, сега се бори за влијание таму со Западот и земјите како Турција и Иран. Грузија, чии региони Јужна Осетија и Абхазија се под руска окупација долго време, ја изрази својата намера да се приклучи на НАТО, додека Азербејџан одржува многу блиски односи со Турција, членка на Северноатлантската алијанса.
Ерменија, до неодамна најблискиот сојузник на Русија на Кавказ, беше во несогласување со Москва во последниве години, меѓу другото, поради неуспехот на Москва да ја одбрани од Азербејџан. Иако Ерменија сè уште е потписник на Договорот за колективна безбедност, сојуз на поранешните советски републики во кои доминира Москва, Ереван повторува дека не ја поддржува руската офанзива против Украина и испрати хуманитарна помош во Киев.