Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека не се согласува со изјавите на папата Франциско дека на Украина и треба „храброста на белото знаме“ и дека треба да преговара за крај на војната предизвикана од руската инвазија, но дека на Киев и е потребна воена помош.
„Ако сакаме договорено, долгорочно мировно решение, начинот да го постигнеме е со воена поддршка на Украина“, рече Столтенберг, коментирајќи ги изјавите на папата.
Папата ова го кажа во интервју, чиј дел беше објавен викендов. Тој рече дека кога на страните во конфликтот не им оди добро, „треба да се има храброст да се преговара“.
Во интервју за Ројтерс во седиштето на НАТО во Брисел, Столтенберг додаде дека „она што се случува на преговарачката маса е нераскинливо поврзано со силата на бојното поле“.
Запрашан дали неговата реакција значи дека сега не е време да се зборува за белото знаме, Столтенберг рече: „Не е време да се зборува за предавање на Украинците. Тоа ќе биде трагедија за Украинците. Исто така, ќе биде опасно за сите нас“.