Генералниот секретар на НАТО Марк Руте и порача на Европската унија дека треба да ги преиспита своите приоритети за трошење со цел да ги зголеми буџетите за одбрана и дека е загрижен за ситуацијата во Босна и Херцеговина и Косово.
Руте, коментирајќи ја ситуацијата во Босна и Херцеговина, рече дека е од суштинско значење да не се создаде безбедносен вакуум во земјата и изрази целосна поддршка за ЕУФОР, поточно мисијата „Алтеа“.
Потоа им се обрати на европските парламентарци и на членките на НАТО.
„Во просек, европските земји лесно трошат до една четвртина од својот национален приход за пензиски, здравствени и социјални системи, а ни треба само мал дел од тие пари за да ја направиме нашата одбрана многу посилна“, им рече Руте на членовите на Европскиот парламент.
Повеќето земји од ЕУ исто така припаѓаат на НАТО, а во последната деценија алијансата ги повика да потрошат најмалку 2 отсто од својот БДП за одбрана. Во моментов, 24 од 32 членки на НАТО ја исполнуваат оваа цел.
Минатата недела, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги повика сојузниците да потрошат 5 отсто од БДП за одбрана, што е многу повеќе отколку што троши дури Америка во моментов (3,38 отсто). За многу земји, достигнувањето на 2 отсто беше борба, а 5 отсто изгледа недостижно.
Марк Руте денеска изјави дека конечната цел за членките на НАТО може да биде околу 3,6 или 3,7 отсто од БДП.
Во своето прво појавување во Европскиот парламент како шеф на НАТО, Руте рече дека целта е да се „зближат НАТО и ЕУ“ за да се спротивстави на „кампањата за дестабилизација“ на Кремљ, заедно со заканите кои се движат од Иран и Кина до сајбер напади и нуклеарни напади.
„Сега сме безбедни, но не за четири или пет години“, рече тој.
Руте рече дека ако потрошувачката не се зголеми, Европејците треба „да научат руски или да одат во Нов Зеланд“.
„Длабоко сум загрижен за безбедносната ситуација во Европа. Ние не сме во војна, но не сме ниту во мир… Ова значи дека мора да инвестираме повеќе во одбраната и да произведеме повеќе капацитети. Ова не може да чека. Мора да ја зголемиме отпорноста на нашите општества и критичната инфраструктура“.
Во однос на Украина, тој рече дека мирот може да дојде само од договор во интерес на Киев.