Украина не е подготвена да постигне компромис со Русија и да отстапи од кој било дел од својата територија за да стави крај на војната, изјави началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак.
Тој го изјави ова вчера во Вашингтон, на новинарско прашање како ќе ја коментира изјавата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека може брзо да го прекине конфликтот во Украина доколку биде избран за претседател на САД во ноември. Јермак рече дека Украина ќе ги послуша сите совети за да постигне, како што наведе, „праведен мир“, но дека не може да прави компромиси кога станува збор за независноста, слободата, демократијата, територијалниот интегритет и суверенитет, пренесе Ројтерс.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе стави крај на војната доколку Киев се согласи да предаде четири украински региони на истокот и југот на земјата што Русија ги анектираше.
Јермак е во посета на Вашингтон пред самитот на НАТО следната недела во главниот град на САД, каде се очекува Украина да биде главна тема.
Досега, САД испратија воена помош за Украина во износ од повеќе од 50 милијарди долари. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во вторникот изјави дека САД наскоро ќе објават повеќе од 2,3 милијарди долари нова воена помош за Украина.