Лидерот на Хамас Исмаил Ханије денеска пристигна во Каиро на разговори за ситуацијата во Газа, објави палестинското исламистичко движење во момент кога од Хамас и Израел доаѓаат сигнали за поддршка на ново примирје во војната.
Пред да пристигне во Каиро, Ханије се сретна со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан во Доха, главниот град на Катар, според снимките објавени од Техеран, пренесува Франс прес.
Извор од Хамас вчера изјави дека лидерот на движењето ќе отпатува во Египет за да разговара со шефот на разузнавањето на земјата, Абас Камел, за прекин на огнот во Појасот Газа и размена на затвореници со Израел.
Извор од палестинскиот исламски џихад денеска за агенцијата Франс прес изјави дека на почетокот на следната недела во Каиро на разговори ќе отпатува и шефот на тоа вооружено движење, второ по големина во Појасот Газа, Зијад ал Нал.
Израелскиот претседател Исак Херцог вчера пред група амбасадори од 80 земји изјави дека Израел е подготвен за втора пауза во конфликтот со Хамас во замена за ослободување на уште заложници од Појасот Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неодамна двапати го испратил шефот на Мосад во Европа за да го промовира процесот на ослободување на заложниците.