Шефот на ФБИ го предупреди Западот: Постои закана од терор каква што не е видена од подемот на ИСИС

by Fokus

Нападот на Хамас врз Израел ќе ја инспирира најголемата терористичка закана во САД од подемот на Исламска држава пред речиси една деценија, предупреди директорот на ФБИ Кристофер Вреј на сослушувањето во Конгресот. Вреј рече дека од почетокот на израелско-палестинскиот конфликт во Газа на почетокот на овој месец, неколку странски терористички организации повикаа на напади врз Американците и Западот, што значително ја зголеми заканата од насилните американски екстремисти.

„Акциите на Хамас и неговите сојузници ќе бидат инспирација каква што не сме виделе откако Исламска држава го воспостави својот таканаречен калифат пред неколку години“, рече тој на сослушувањето пред Комитетот за внатрешна безбедност на американскиот Сенат, посветен на заканите за САД.

Американската влада бележи зголемување на заканите против Евреите, муслиманите и Американците со арапско потекло, по избивањето на конфликтот во Газа, изјавија американски официјални лица.

Американскиот секретар за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас на сослушувањето рече дека омразата насочена кон еврејските студенти во САД од почетокот на конфликтот во Газа придонела за пораст на антисемитизмот. Белата куќа оваа недела изрази загриженост за антиеврејските инциденти на американските универзитети.

Тензиите меѓу про-израелските и пропалестинските групи избувнаа во некои американски кампуси, вклучително и неколку во Њујорк, што ги натера претставниците на универзитетот да ја зголемат безбедноста.

„Омразата насочена против еврејските студенти, заедници и институции се надоврзува на претходниот пораст на антисемитизмот во САД и ширум светот“, рече Мајоркас.

Поврзани новости