Цените на енергијата би можеле повторно да пораснат оваа зима, предупреди Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
„Доколку се реализира сценарио во кое кинеската економија е многу силна и купува многу енергија на пазарот, а во исто време зимата е тешка, можно е да се зголеми цената на природниот гас, што дополнително ќе ги оптоварува потрошувачите“, рече Бирол во интервју за BBC Today.
Тој рече дека владите треба да штедат енергија и да ги поттикнуваат обновливите извори на енергија.
Бирол додаде дека многу европски влади направиле „стратешки грешки“, вклучително и прекумерна зависност од Русија и дека надворешната политика е „заслепена“ со краткорочни деловни одлуки, јави Танјуг.
Тој се осврна и на климатските цели на светските влади, нагласувајќи ја важноста од намалување на потрошувачката на енергија.
„Доколку светот е сериозен во борбата против последиците од климатските промени, ќе мораме значително да ја намалиме потрошувачката на нафта и гас во наредните години“, рече шефот на IAE.
Според него, доколку се намали потрошувачката, постојните наоѓалишта на нафта и гас ќе бидат доволни за да се задоволи побарувачката за овие извори на енергија.