Директорката на американската Тајната служба, Кимберли Читл поднесе оставка откако се соочи со незадоволство и од републиканците и од демократите поради начинот на кој Тајната служба се справи со обидот за атентат на поранешниот американски претседател и републикански кандидат на ноемвриските избори, Доналд Трамп. Нејзината оставка ја потврди американскиот претседател Џо Бајден. Тој најави дека наскоро ќе именува нов шеф на службата.
Читл поднесе оставка еден ден по катастрофалниот настап пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом. Двете страни главно неуспешно бараа одговори на прашањата дали нејзината агенција соодветно го заштитила Трамп пред обидот за атентат.
Речиси шестчасовното сослушување покажа дека Читл ја презеде одговорноста за безбедносните пропусти и призна дека инцидентот го означи „најзначајниот оперативен неуспех на Тајната служба во последните децении“.
Но, пратениците од двете партии изразија фрустрација поради нејзината неможност да одговори на многу прашања во врска со пукањето во кое беше ранет Трамп, еден од присутните на неговиот митинг во Батлер, Пенсилванија беше убиен, а двајца други беа ранети.
На крајот од сослушувањето, највисокиот демократ на комисијата му се придружи на републиканскиот претседател во повикот за оставка на Читл.