Шефицата на германската дипломатија во посета на Македонија: Местото ви е во ЕУ!

by Фокус

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска ќе допатува во Скопје на средби со државниот врв и опозицијата во обид да им даде поттик на уставните измени со кои Бугарите и другите заедници треба да бидат вметнати во Уставот.

-Местото на Северна Македонија е во ЕУ, исто како и на нашите останати партнери од западниот Балкан. Дека навистина го мислиме тоа, покажавме најдоцна со официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година – порача Бербок пред полетувањето за Скопје.

Како што пренесува Дојче Веле, таа вели дека не смеат да се изневерат очекувањата на големото мнозинство граѓани во земјата.

-Големите надежи и очекувања, кои луѓето во Северна Македонија ги имаат за пристапниот процес, за нас се шанса и опасност истовремено. Опасност, затоа што би можеле да ги загубиме Македонките и Македонците за Европа, доколку како ЕУ ги изневериме нивните очекувања и покрај сиот напредок и болните отстапки кои ги направија во изминатите 17 години. Шанса, затоа што на сите учесници во процесот на проширување на ЕУ им е јасно за што всушност се работи, за иднина во европското семејство, за регион со стабилна добросостојба и мир, за самоопределување – рече Бербок.

Од германското МНР оценија дека Северна Македонија е „клучна земја“ за процесот на проширување на ЕУ.

По повод посетата на Бербок, пак, зградатата на македонското МНР беше осветлена со боите на германското знаме.

Поврзани новости