Постои оправдана загриженост за ризикот од секташко насилство во Сирија и обновувањето на екстремизмот во земјата, изјави денеска високата претставничка за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас.
Да потсетиме, новиот привремен лидер на Сирија најави дека го презема управувањето со земјата како привремен премиер со поддршка на поранешните бунтовници кои пред три дена го соборија претседателот Башар ал Асад.
Калас на седницата на комисијата на Европскиот парламент рече и дека „новите луѓе се оценуваат според нивните дела“.
„Многу е рано да се каже дали ова оди во вистинска насока“, рече таа, додавајќи дека „првите сигнали се добри, но сè уште не брзаме да направиме договори, доколку немаме сигурност“.
Министрите за надворешни работи на Европската унија треба да разговараат за ситуацијата во Сирија на состанокот во Брисел на 16 декември.
Калас, поранешниот премиер на Естонија, изјави дека падот на Асад претставува удар за рускиот претседател Владимир Путин и Иран, пренесува Хина.