Проширувањето на Европската унија е политички приоритет за Европската комисија, но тоа е процес заснован на заслуги, изјави денеска портпаролката на ЕК, Дана Спинант.
За проширувањето, на денешната прес конференција таа рече дека ЕК не е фокусирана на датумот, туку на блиска соработка со земјите кандидати за подготовка за влез во ЕУ.
На прашањето дали претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој на Бледскиот стратешки форум рече дека ЕУ треба да биде подготвена да прифати нови членки до 2030 година, ја координирал таа изјава со претседателот на ЕК, Спинант рече дека не знаела за „какви било контакти во врска со овој говор“.
„ Проширувањето за нас е приоритет и политички приоритет – рече Спинант и укажа на посветеноста на ЕК следниот бран на проширување да биде успешен.
„Можам само да го истакнам нашиот став и нашата визија за проширување и како најдобро да се управува со процесот. Клучниот збор за нас и суштината за нас е дека проширувањето се заснова на заслуги и треба да остане засновано на заслуги, нагласи Спинант.
Францускиот претседател Емануел Макрон пак вчера рече дека ЕУ прво треба да се реформира, па потоа да прима нови членки и дека со постоечките членки не може да се договороат за одредени прашања.
На прашањето дали мисли дека ЕУ е подготвена за проширување и дали треба да спроведе внатрешни реформи или дури и уставни и договорни реформи и кога тоа треба да се случи, Спинант изјави дека за проширувањето е потребно да се подготват и од земјите кандидати и од ЕУ.
„ Би било несоодветно во оваа фаза да шпекулирам или повеќе да се занимавам со суштината на таквата подготовка од страна на ЕУ“ , изјави таа.
Како што додаде, се очекува дебата за ова прашање на лидерската средба во Гренада на самитот што ќе го свика Шпанија како претседавач со ЕУ во наредните недели.
Според неа, покрај Украина, главен приоритет за ЕУ се Молдавија и Западен Балкан
.