Шарл Мишел – претседателот на Европскиот совет денеска пристигна во посета на главниот украински град Киев. Тој пристигна во Украина во знак на поддршка за земјата, која денеска одбележува 10 години од масовните протести со кои беше соборен претседателот Виктор Јанукович, поддржан од Москва.
– Добро е што се вратив во Киев – меѓу пријателите – напиша Мишел на социјалната мрежа Х.
На 21 ноември 2013 на плоштадот Мајдан во Киев почнаа протестите против украинскиот претседател Виктор Јанукович.
По тримесечни протести загинаа најмалку 120 лица, а речиси 3 илјади беа повредени.
Јанукович и парламентарната опозиција на 21 февруари 2014 постигнаа договор за формирање влада на национално единство, за спроведување на уставни реформи и за одржување предвремени избори.
Тогаш Јанукович и дел од министрите во неговата Влада го напуштија Киев, па следниот ден Врховната рада го разреши од должноста претседател и избра привремена Влада.